More

    Туризмот – гранка која може да донесе многу пари, а ја шуткаат од еден до друг ресор

    spot_img

    Откако коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма „Платформа 1198“ најави реорганизација на министерства, во која планира да го префрли туризмот од Министерството за економија во Министерството за култура, повторно кај туристичките работници заживеа идејата за формирање посебно министерство за туризам. Оваа идеја датира од 2012 година, но до сега ниту една влада не прифати да ја реализира преку формирање посебно министерство.

    Туристичките работници велат дека новата влада треба да ги има предвид светските случувања каде што туризмот се смета како еден од главните економски носители на растот на домашниот бруто производ (БДП) пред да одлучи дали ќе формира посебно министерство или ќе го вметне во рамки на друго министерство, практика која не се покажа функционална во изминатиот период кога туризмот беше сектор во Министерството за економија.

    Тие се за посебно министерство кое, според нив, би го подигнало туризмот на повисоко ниво не само за решавање на проблемите во секторот, туку и за зголемување на рејтингот на земјата како туристичка дестинација и како држава, но и во однос на користењето пари од ЕвропскатаУнија за туристички проекти.

    – Идејата е стара, но сега државата е зрела за формирање на министерство за туризам. Мислам дека тоа министерство, ако биде вистинско, во кое ќе бидат луѓе професионалци од секторот кои знаат што е туризам и што треба да се направи за негов раст, не политичари, ќе придонесе многу за развојот на туризмот а со тоа и за државниот БДП. Со самото тоа што ќе има министерство, туризмот ќе добие на вредност не само во земјата туку и во рамки на туризмот во Европа и во светот. Ќе може да бидеме активен член на асоцијацијата за туризам на Европа, во која сме, но не како држава претставник. Тоа ќе придонесе да имаме и повеќе пари за проекти во ЕУ и да дадеме поголем придонес во одлучувањето за туризмот во унијата – вели Дончо Нацев, сопственик на ТА „Арботравел“.

    Тој, како што вели, лично не се согласува туризмот да биде дел од Министерството за култура.

    – Туризмот е економска гранка, а културниот туризам е само дел од она што како туристички сектор го нудиме во нашите програми за посета на земјава. И досега бевме дел од друго министерство, но ништо не се направи во однос на туризмот и неговиот развој, па не се надевам дека и на ваков начин со префрлање на туризмот во министерството за култура ќе имаме некакви предности. Планирано е за 4 години во културата да се вложат 50 милиони евра. Колку од тие ќе завршат во програмите за развој на туризмот не се знае. Сигурно како и досега – вели Нацев.

    Тој очекува да се формира посебно министерство за туризам кое вистински ќе работи за туризмот, а не само да биде дел од владиниот кабинет кое ќе тера политика на одредени партии без да го има во прв план туризмот.

    – Се надевам дека структурата и бројот на вработени нема да биде како во агенцијата за развој на туризмот каде што имаме бројност а имаме мала ефикасност. Предност од формирањето на ова министерство би била и тоа што буџетот и нашите проекти ќе допрат до владата и заеднички ќе се придонесува за развој на туризмот и реализација на проектите, а рејтингот на Македонија како туристичка дестинација и држава ќе се зголеми – вели тој.

    Туристичките работници велат дека земјите кои најмногу профитираат од туризмот имаат формирано министерства за туризам. Од соседството вакви министерства имаат Албанија која е една од најбрзорастечките земји во секторот, а министерство имаат и Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора и Хрватска.

    Претседателот на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) Влатко Сулев вели дека е најдобро туризмот да има сопствено министерство, но ако се планира тој да стане дел од Министерството за култура, очекува функционалност, а сè што ќе се однесува за туризмот да се реализира во дослух со приватниот сектор.

    – Секако како економски сектор, туризмот треба да има и сопствено министерство, да има буџет, јасен план и стратегија, да биде кадровски опремено со професионалци од секторот што дава гаранција дека ќе биде и во дослух со приватниот сектор. Но, во случај туризмот повторно да биде дел од некое министерство тогаш за туристичкиот сектор е најважно да се обезбеди функционалност, која нема да го гуши секторот кој со години е во стагнација бидејќи како дел од друго министерство не беше во фокусот на вниманието. Посебно е важна и кадровската структура која ќе работи во делот за туризам и да се негуваат релациите што се создаваат за време на работата – вели Сулев.

    Според него, до формирањето на новото Министерство или до префрлањето на секторот во рамки на друго министерство потребно е да се формира Комитет за туризам кој ќе го пополни празниот од додека почне да функционира новото министерство или новиот сектор на Министерството за култура.

    – Во овој меѓупериод не смее да запре координацијата на секторот и институциите, па најдобро е да се формира Комитет за туризам, кој го имавме и порано. Тој ќе треба да го пополни просторот за да не се запостави туризмот како сектор. Но и овој комитет треба да биде функционален и да работи заедно со приватниот сектор. И овде како и во новото министерство или сектор на министерство треба да не се ставаат политичари да работат и да ги водат, туку, како што реков, професионалци од туризмот, зашто тие знаат како треба да се води туризмот, што му недостига и кои се неговите перспективи – вели Сулев.

    Од Асоцијацијата на туристички водичи на земјава велат дека не е важно дали туризмот ќе има министерство или ќе остане да биде сектор, туку е важно што суштински се планира за туризмот.

    – Во сите развиени земји кои сакаат да го  третираат туризмот како развојна гранка има посебно министерство за туризам. Но, да видиме кај нас што ќе се случи. Сепак, мислам дека формата, министерство или сектор не ги решава проблемите во туризмот туку содржината – законите, стратегиите и реализацијата на планираното. Потребен е системски пристап, што отсуствува кај нас, треба да се изготви стратегија која ќе ги утврди целите, која ќе се обновува на неколку години. Нејзината реализација ќе даде одговор на тоа дали се работи нешто во туризмот или не. И сега имаме агенција за туризам, ама ништо нема од нејзиното работење – вели претседателот на Асоцијацијата Бранко Босилков.

    Во „Платформата 1198“ ВМРО-ДПМНЕ предвиде туризмот од Министерството за економија да влезе во рамки на Министерството за култура. Во дебатата која по оваа платформа се водеше, претседателот на централната комисија за туризам на партијата Слободан Блажевски појасни кои се причините за оваа промена.

    – За прв пат туризмот ќе биде на ниво на министерство заедно со културата и ќе имаме Министерство за култура и туризам и со самото тоа нашата партија ВМРО-ДПМНЕ му дава фокус на туризмот, ако се има предвид дека досега функционираше во рамките на Министерството за економија како сектор за туризам. Како дел од министерството за култура и туризам ќе го опфатиме целокупниот туристички сектор, односно туристичките агенции, хотелско-угостителски објекти, превозници во туризмот, туристички водичи и водичи во планина и секако области поврзани со создавање на квалитетен кадар за туризмот – рече Блажевски.

    Тој вели дека на тој начин ќе се направи и туристички бренд.

    – Од тој аспект ние како ВМРО-ДПМНЕ ја препознаваме можноста и природните убавини кои ги има нашата земја и со агресивна кампања и промоција во рамките на нашата држава и во странство ќе направиме туристички бренд од нашата земја којашто ќе биде препознатлива со своите убавини, како природни и културни потенцијали, така и од гастрономски аспект, односно автохтона храна и специјалитети и пијалаци од македонското поднебје – рече Блажевски.

    Дали со формирањето на новата влада туристичкиот сектор ќе добие свое министерство или ќе се префрли од Економија во Култура како сектор ќе биде познато по формирањето на владата кое треба да биде најдоцна до 20 јуни.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img