Властите во Приштина му забранија на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј и на седумте епископи кои го придружуваат да влезат во Косово, каде што за денеска беше закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќката патријаршија.
„Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово“, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.
Пеќката патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.
Директорот на Канцеларијата, Петар Петковиќ, рече дека, согласно сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „спротивно на сите договори, (косовскиот премиер Албин) Курти негираше можност патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поддршка на својот народ и верници.
Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и вели „дека и самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.
-Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе – наведе Порфириј.
Косовското Министерство за надворешни работи потврди дека го одбило барањето на патријархот на СПЦ да ја посети Патријаршијата во Пеќ, пренесоа косовските медиуми.
Забраната на косовските власти на поглаварот на Српската православна црква предизвика бројни реакции во Белград, при што најчеста оценка е дека тоа е „срамен“ и „нецивилизиран чин“, и „уште еден во низата потези со кои официјална Приштина ја покажува својата позиција и нетрпеливост кон Србите и Белград“.
Српската православна црква ја оквалификува одлуката како – „неразумна“.