Има информации дека на некои места во некои општини во некои изборни единици постојат обиди за организиран бојкот, значи за неприфаќање на второто ливче за претседател, изјавил претседателот и кандидат за претседател, Стево Пендаровски после денешното гласање во скопската населба Автокоманда.
Пендаровски посочи дека, доколку се потврдат информациите за бојкот, тие постапки се спротивни на демократското право за избор.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е оптимист после лошите резултати од првиот изборен круг, Пендаровски рекол дека не престанал да верува во победа, но и дека можниот бојкот би имал негативен ефект.
– Јас секогаш бев оптимист по резултатите од првиот круг затоа што знаев дека кандидатите кои отпаднаа, тоа беа околу 330.000 гласови, се повеќе и поблиски до мојот политички концепт кој го застапувам од концептот на противкандидатката. Меѓутоа овие информации, кои ги спомнав, ако се покаже за точни одат кон оштетување на моите потенцијални бирачи, гласачи – рече Пендаровски