На претставничката на Израел на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, Еден Голан, и било кажано да не ја напушта хотелската соба, освен за настапите и официјалните настани на Евровизија, поради пропалестинските протести во шведскиот град Малме, градот каде што се одржува натпреварот.
Од полицијата ѝ рекле да остане надвор од очите на јавноста освен за време на настапот, објави Еуроњуз.
Таа пристигна во Малме овој викенд, со силно обезбедување, носејќи значка во знак на солидарност со заложниците кои сè уште ги држи Хамас.
Шведската полиција е во состојба на готовност и побарала засилување од Данска и Норвешка за најголемиот европски поп-музички натпревар.
Повиците за бојкот на настанот пристигнуваат подолго време, а повеќе од 1.000 шведски уметници и 1.400 фински уметнички работници бараат да се забрани учеството на Голан на Евровизија.