Срѓан Јанковиќ (50), кој е осомничен дека управувал со службениот автомобил на ЈКП „Водовод“, а на 26 март во Бањско Поље удри во Данка Илиќ (2) и е во притвор до 30 дена како и другиот осомничен Дејан Драгијевиќ (50), досега се бранеше со молчење во Вишото јавно обвинителство на Заечар, но сега го сменил ставот и се очекува дека, место да молчи, ќе им каже сѐ на надлежните, известува српски Курир.
„Срѓан Јанковиќ денеска му го откажа полномошното на својот адвокат бидејќи не сака повеќе да го брани. Очигледно е незадоволен од неговите совети и од тоа како се бранел пред надлежните органи. Јанковиќ побарал да му биде доделен адвокат по службена должност. Тоа нѐ изненади бидејќи ретко се случува осомничениот сред рочиште да бара смена на адвокат“, објаснува српски Курир.
Засега не се знае кој адвокат ќе му биде доделен на Јанковиќ, но тоа ќе се реши до четврток.
„Во понатамошната постапка, новиот адвокат ќе разговара со осомничениот Јанковиќ. Со оглед на текот на рочиштето, апсолутно секој адвокат ќе го советува да престане да се брани со молчење бидејќи подобро е самиот Јанковиќ да каже сѐ што знае имајќи предвид дека Драгијевиќ признал дека подоцна го убил детето, со што автоматски се расчистил сомнежот дека Јанковиќ бил директен убиец. Да бил задоволен од одбраната со молчење, немало да го отпушти адвокатот. Се надеваме дека можеби открие каде е телото на Данка“, неофицијално дознава Курир од надлежните.
Доколку се оствари предвидувањето на обвинителството, се очекуваат нови моменти во истрагата откако Јанковиќ ќе ја каже својата верзија за настаните на тој кобен ден.
Денеска во Вишото јавно обвинителство во Заечар, како сведоци биле сослушани Ивана и Милош Илиќ, родителите на девојчето. Тие дале исказ во присуство на двајцата обвинети. Сведочењето било потресно, а таткото и мајката плачеле.