Преговорите меѓу Израел и Хамас за обезбедување примирје во Газа и размена на заложници се во застој што придонесува за дополнителна ескалација на ситуацијата на блискиот Исток.
– Поминуваме низ чувствителна фаза со одреден застој и се обидуваме колку што е можно повеќе да го решиме тоа – изјави денеска катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани на прес-конференција со романскиот премиер Марсел Чолаку.
Катар, заедно со САД и Египет, е ангажиран во неколкунеделни разговори за да се обезбеди примирје во Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
-Преговарачите се обидуваат да стават крај на страдањата што ги доживуваат луѓето во Газа и да ги вратат заложниците – рече шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани.
Во меѓувреме се зголемуваат тензиите на Блискиот Исток во очекување на нови ирански напади и одговор од израелска страна.