Шефот на израелската дипломатија се закани дека силите на неговата земја директно ќе го нападнат Иран доколку таа земја започне напад врз Израел од нејзина територија. Тензиите меѓу двете земји растат по убиството на иранските генерали во нападот на иранскиот конзулат во Сирија, јавува Асошиејтед прес (АП).
„Ако Иран нападне од негова територија, Израел ќе одговори и ќе го нападне Иран“, објави министерот Израел Кац на X.
Иран има многу опции за одмазда против Израел, но сите тие носат ризици
Неговата објава дојде откако иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи утринава го повтори своето ветување дека ќе му се одмазди на Израел за нападот врз неговиот конзулат во Дамаск претходно овој месец.
Техеран го смета Израел одговорен за нападот во кој загинаа 12 лица. Израел не ја призна својата вмешаност, иако се подготвуваше за ирански одговор на нападот, што претставува значајна ескалација во нивната долготрајна војна во сенка.
Хамнеи зборуваше на церемонијата на молитва на крајот на светиот муслимански месец Рамазан, велејќи дека воздушниот напад е „злосторство“ и сличен на напад на иранска територија.