Претседателскиот кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова го поднесе првиот приговор за кршење на изборните правила. Според приговорот, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители, објави МКД.
Во образложението на приговорот пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) на 23 јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година АСЈО го објавила расопредот за полагање на квалификацискиот тест што би се спроведувал во периодот од 1 април до 5 мај годинава.
„Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик“, пишува во приговорот на Силјановска Давкова.
Приговорот, Силјановска Давкова го поднела вчера, а според Законот за спречување на корупцијата Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е должна во рок од еден ден по поднесувањето на приговорот да ја извести Академијата за судии и обвинители (АСЈО) за приговорот и да побара објаснување. АСЈО пак има рок од три дена да се произнесе по барањето на ДКСК.
Според истиот законик, ДКСК е должна не покасно од пет дена, најдоцна до вторник, да закаже јавна седница на која ќе постапи по приговорот од Силјановска Давкова и да донесе соодветна одлука.
По ова ДКСК е должна одлуката по приговорот да ја објави на својата веб страница во рок од 24 часа односно не подоцна од среда, 10 април, а во одлуката треба да се утврди дали постои прекршување на одредбите на Изборниот законик и доколку има, тогаш ДКСК пред надлежните институции треба да иницира постапка за утврдување на одговорноста на лицето, органот или институцијата што го прекршила Изборниот законик.