Има уште многу предизвици во здравството и потребно е да се направат уште многу промени, но услугата и методите кои ги користат нашите лекари се на високо ниво, рече носителот на листата на СДСМ во изборната единица 4, Венко Филипче во своето гостување во емисијата 360 степени на МТВ, синоќа.
Тој рече дека и покрај сите предизвици, во државата се изведуваат најсовремени хируршки интервенции со најнови методи.
– Морам да потенцирам дека и покрај тоа што условите се такви какви што се во Клиничкиот центар, апсолутно има лекари, колеги мои, коишто и благодарение од поддршката тогаш од Министерството за здравство и благодарение на својата експертиза и едукација, даваат врвна медицинска услуга – истакна Филипче.
Во своето ТВ интервју тој потенцираше и дека со нови методи се извршени огромен број успешни интервенции во коишто, како што рече, голема улога има и СДСМ со инвестициите и политиките кои што ги спровело Министерството.