Финска ја зацврсти својата позиција како најсреќна земја во светот освојувајќи ја титулата седма година по ред, се вели во Извештајот објавен денеска под покровителство на Обединетите нации.
Северна Македонија е на 84. место, додека младите под 30 години во земјава се нешто посреќни и се наоѓаат на 67. место.
Што се однесува на земјите од регионот, Словенија е на 21. место, Косово е на 29., Србија е на 37. место, Хрватска е на 63., Грција на 64., БиХ – 65, Црна Гора на 76., Бугарија на 81 место, Албанија на 87., Турција на 98.
Украина на е 105. место, а палестинските територии на 103. место.
Србија, Бугарија и Летонија се земјите со најголем пораст на нивниот индекс за периодот 2021-2024 година, во однос на периодот 2006-2010 година.
Најголем пад од 2006-2010 година е забележан во Авганистан, Либан и во Јордан. Авганистан, кој е зафатен од хуманитарна катастрофа откако Талибанците се вратија на власт во 2020 година, е на последното место од 143 земји.
На врвот на глобалното рангирање се скандинавските земји, а зад нив се Данска, Исланд и Шведска. Меѓу водечките сили во ЕУ, Германија е на 24 место, а Франција на 27 место. Германија и САД не се во топ 20 првпат по повеќе од 10 години, откако паднаа на 23-то место.
Костарика и Кувајт влегуваат во првите 20 на дванаесеттото и тринаесеттото место.
Ниту една од најнаселените земји во светот не е во топ 20. „Меѓу првите десет, само Холандија и Австралија имаат повеќе од 15 милиони жители. Меѓу првите дваесет, само Канада и Велика Британија имаат повеќе од 30 милиони жители“, се наведува во извештајот. Кина е на 60., а Индија на 126 место.
Светскиот извештај за среќа е Индекс за среќа што ја објавува Мрежата за решенија за одржлив развој при Обединетите нации секоја година од 2012 година. Се заснова на проценката на луѓето за нивната среќа, како и на економските и социјалните податоци.
Извештајот разгледува шест клучни фактори: социјална поддршка, приход, здравје, слобода, благосостојба и недостиг на корупција.
Близината до природата и добрата рамнотежа помеѓу работата и животот се клучни за задоволството на Финците, вели Џенифер Де Паола, истражувач од Универзитетот во Хелсинки, специјализирана за оваа област. Финците можеби имаат „посоодветно сфаќање за тоа што е успешен живот“ во споредба со САД, на пример, каде успехот често се поврзува со финансиска добивка, додава таа.
Довербата во институциите, ниската корупција и слободниот пристап до здравството и образованието се исто така клучни. „Финското општество е проткаено со чувство на доверба, слобода и висок степен на автономија“, вели Де Паола.
Годишниот извештај исто така нагласува посилно чувство на среќа кај помладите генерации отколку постарите генерации во повеќето, но не во сите региони. Од 2006 до 2010 година, индексот драстично падна кај луѓето помлади од 30 години во Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд, а сега е помал отколку кај постарите луѓе во тие региони. Од друга страна, во истиот период е зголемен во сите возрасни групи во Источна Европа.
Јазот помеѓу генерациите се зголеми насекаде во светот, освен во Европа, што авторите на извештајот го сметаат за „алармантно“.