Барање од неколку малцински партии во Албанија

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Партијата на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и партиите на Власите, Ромите и Египќаните денеска во Корча побараа од Комисијата за изборни реформи во новиот изборен законик да има загарантирани места за малцинствата во парламентот.

– Бараме Специјалната комисија за изборни реформи да ги земе предвид препораките од извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, спроведувањето на електронското гласање и броење, деполитизирана изборна администрација и создавање услови за граѓаните да гласаат во странство – изјави Васил Стерјовски, лидер на МАЕИ, во име на партиите.

Од суштинско значење е, додаде тој, Изборната реформа да се спроведе во сеопфатен и консензуален процес и да го реши прашањето за застапеноста на малцинствата со загарантирани места во парламентот, обезбедувајќи им ефективен глас.

– Ова ќе им овозможи на нивните претставници ефективно да ги заштитат и решаваат проблемите на малцинствата. Сегашниот регионален пропорционален изборен систем не одговара на потребите на општество и општествените формации во него. Овој систем е дискриминаторски и не гарантира правична застапеност на малцинствата, кои се распространети низ целата територија на Република Албанија, не само во одредени области – рече Стерјовски.

Многу европски земји, додаде тој, усвоија успешни модели за претставување на малцинствата во парламентот, како што се Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Косово, Руската Федерација и скандинавските земји, оценувајќи дека овие примери треба да послужат како инспирација за позитивни промени во албанскиот изборен систем.

– Застапеноста на малцинствата во Парламентот не е само прашање на правда и еднаквост, туку и обврска која произлегува од меѓународните конвенции за заштита на националните малцинства и меѓународните стандарди кои се занимаваат со правата и слободите на малцинствата. Конкретно, петтото мислење за Албанија на советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа во 2023 година бара Албанија да преземе позитивни мерки за да обезбеди застапеност на малцинствата во Парламентот – наведе Стерјовски.

Ова е можност Албанија да ја покаже својата посветеност на демократските вредности и почитувањето на различностите, сметаат партиите на Македонците, Власите, Ромите и Египќаните во Албанија.

Share This Article