Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска предупреди дека светот влегува во „ера на хаос“ и оти се потребни важни реформи, изразувајќи жалење за поделбите што го парализираат Советот за безбедност на ОН.
Презентирајќи ги приоритетите за 2024 година пред Генералното собрание на ОН, Гутереш рече дека владите „ги игнорираат и ги поткопуваат самите принципи на мултилатерализмот, без одговорност“.
– Советот за безбедност, главниот инструмент на светскиот мир, е блокиран поради геополитички пукнатини. Ова не е првпат Советот за безбедност на ОН да биде поделен. Но овој пат е најтешко. Сегашната нефункционалност е подлабока и поопасна, рече Гутереш.
Тој изјави дека механизмите воспоставени за време на Студената војна придонеле за управување со односите на суперсилите, но дека тие не постојат во денешниот мултиполарен свет „кој влегува во ера на хаос“.
Советот за безбедност не можеше да реагира на рускиот напад врз Украина поради руското вето, а сега не може да заземе единствен став за војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, бидејќи САД го блокираат секој повик за прекин на огнот.
Гутереш предупреди на можен израелски копнен напад врз Рафах, на границата на Појасот Газа и Египет, каде што се наоѓаат стотици илјади раселени Палестинци.
– Таквата акција значително би ја влошила ситуацијата, која веќе е хуманитарен кошмар, со непроценливи регионални последици – рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН уште еднаш повика на „итен хуманитарен прекин на огнот“ и ослободување на заложниците.