Полицијата во Еквадор и Шпанија уапси 30 лица осомничени дека припаѓаат на криминална организација која под водство на Албанец се обидела по морски пат од Јужна Америка во Европа да пренесе 3,2 тони кокаин.
„Истовремено претресени се 21 просторија во Шпанија и 56 во Еквадор“, соопшти во вторникот шпанската полиција.
Групата превезувала кокаин од Колумбија, каде што бил произведен, до пристаниште во соседен Еквадор. Оттаму со брод се транспортирал до шпанските пристаништа како Малага, Валенсија и Барселона. Дрогата била скриена во контејнери со банани.
„Таа организација е одговорна за обидот за увоз на најмалку 3,2 тони кокаин во Европа“, соопшти полицијата.
Групата имаше шест трговски компании во Еквадор и четири во Шпанија кои инвестираа пари од продажба на лекови во недвижен имот.
Организацијата ја предводеше албанскиот државјанин Дритан Ѓика, поврзан со еквадорскиот претприемач Рубен Шерес, кој беше убиен во март, објави новинската агенција ЕФЕ, повикувајќи се на неименуван извор од еквадорската полиција. Организацијата главно оперираше од шпанскиот град Малага и еквадорскиот град Гвајакил.
Извезуваше банани од Еквадор во Албанија, Белгија, Холандија и Турција. Еквадорската полиција смета дека соработувала со криминална група во Албанија која организирала понатамошна дистрибуција на дрога во Европа.
Меѓу уапсените има државјани на Колумбија, Аргентина, Кина, Шпанија, Еквадор и Албанија. Полицијата им запленила 400.000 евра готовина, луксузни автомобили и часовници, а блокирала недвижен имот во Шпанија вреден 13 милиони евра, се вели во соопштението за медиумите.