Обилните врнежи и силните ветрови парализираа делови од американската сојузна држава Калифорнија, а според досегашните извештаи, невремето однело неколку животи.
Властите досега објавија три жртви како последица на невремето. Во близина на градот Сакраменто, еден човек бил погоден од дрво кое паднало во неговиот двор, а подоцна починало од повредите, соопшти Канцеларијата на судска медицина во округот Сакраменто.
Во неделата, две лица загинаа од паѓање дрвја во Северна Калифорнија, според Си-Ен-Ен.
Бурата, која најпрво беснееше во областа Сан Франциско, во понеделникот отпатува појужно, достигнувајќи ги Санта Барбара и Лос Анџелес.
Силниот дожд предизвика одрони, ги поплави улиците и го парализираше снабдувањето со електрична енергија. Националната метеоролошка служба предупреди на удари на ветер до 96 километри на час.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом веќе предупреди на „сериозна бура со опасни и потенцијално опасни последици“ во неделата и прогласи вонредна состојба во неколку окрузи.
Причина за обилните врнежи е временскиот феномен наречен „атмосферска река“. Националната метеоролошка служба во Лас Вегас соопшти дека станува збор за „концентриран канал на влага со потекло од суптропските предели, кој носи влага и обилни врнежи во средните географски широчини“.
Бидејќи влажните воздушни маси што ја погодија Калифорнија главно доаѓаат од тропските морски региони во Пацификот околу Хаваите, тие се познати и како „Ананас експрес“.