Вирусот што предизвикува мононуклеоза може да предизвика имунолошкиот систем на една личност да го нападне сопственото ткиво неколку години по инфекцијата.
Научниците веќе некое време се сомневаат дека вирусот Епштајн-Бар (ЕБВ), еден од најчестите вируси меѓу луѓето, може да биде предизвикувач за мултиплекс склероза, автоимуна болест која погодува околу 36 луѓе на 100.000 луѓе ширум светот.
Сепак, тие сè уште не можат да разјаснат како вирусот, кој вообичаено се смета за причина за мононуклеоза, во некои случаи, односно не кај сите инфицирани, го поттикнува човечкиот имунолошки систем да го нападне сопственото ткиво години по инфекцијата. Но, научниците од Универзитетот во Тексас можеби успеале.
Грешка во имунолошкиот систем
Кај мултиплекс склероза, имунолошкиот систем погрешно го напаѓа миелинот, заштитната обвивка што ги покрива нервните влакна во мозокот и ‘рбетниот мозок.
Некои претходни истражувања покажуваат дека тоа се случува поради молекуларна мимикрија: протеините на вирусот се слични на протеините во миелинот, така што имунолошкиот систем почнува да ги препознава сопствените протеини на телото како туѓи и почнува да ги напаѓа.
Нападот на имунолошкиот систем е активиран од антитела произведени од Б-клетките, еден вид леукоцити или бели крвни зрнца.
Поради „збунетиот“ одбранбен систем тие по грешка се врзуваат за природните молекули и на тој начин ги обележуваат за уништување. Ова е само дел од процесот бидејќи Т-клетките, друг вид бели крвни зрнца, исто така се вклучени во одбраната.
Тие ги препознаваат алармните сигнали испратени од заразените клетки. Ова се случува во форма на антигени, специјални протеински фрагменти кои се појавуваат на површината на заразените клетки. Имунолошкиот систем потоа произведува армија од клонови на Т-клетките кои се специфични за одреден антиген.
Т-клетките и вирусот
За подобро да ја разберат улогата на Т-клетките, научниците го следеле „однесувањето“ на Т-клетките во примероците на крв и цереброспинална течност од осум лица со рани симптоми на мултиплекс склероза.
Она што беше забележано потоа беше споредено со тоа како Т-клетките реагираа на лабораториски израснати клетки инфицирани со вирусот Епштајн-Бар или почест вирус, како што е вирусот на грип.
Тоа покажа дека само 13 отсто од Т-клетките во примероците од крвта на пациентите имаат рецептори за препознавање на клетките инфицирани со ЕБВ, а само четири отсто препознаваат антигени на грип.
Сликата беше сосема поинаква кога овие бројки се споредија со оние од CSF. Таму, бројот на Т-клетки што ги препознаа клетките инфицирани со ЕБВ буквално „експлодираше“. Ги имало дури 47 отсто.
„Веројатно најважна улога во развојот на болеста имаат Т-клетките кои се присутни во цереброспиналната течност во најраните фази на мултиплекс склероза. Тие или придонесуваат за развојот на болеста или дури ја предизвикуваат“, коментира неврологот Џон Вилијам Линдзи, еден од авторите на студијата.
Интересно е што мултиплекс склерозата не е единствената „одложена“ болест со која се поврзува вирусот Епштајн-Бар. Истиот агенс е обвинет и за синдром на хроничен замор или мијалгичен енцефаломиелитис.