Куршум е пронајден денеска во дворот на лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари, потврдуваат за Плусинфо од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Постои сомнение дека куршумот можеби претставува заканувачка порака кон лидерот на Алијанса за Албанците по последните случувања во партијата“, коментираат блиски извори на Таравари за порталот Ора24.тв.
Како што објавува порталот, полицијата веќе е во домот на Таравари.
Деновиве се случува раскол во партијата откако лидерот јавно објави дека неговата партија треба да се приклучи на опозицискиот блок.
Од друга страна, поранешниот лидер на партијата Зијадин Села, синоќа изјави дека не се согласува со ставот на Таравари.
Тој насилно и со полиција влегол во партијата, а подоцна свика и Централно собрание на Алијанса за Албанците на коешто ќе се бара одговорност од Таравари.
Но, недоразбирањата не запреа тука. Доцна синоќа, директор на Алијанса за Албанците бил нападнат во Тетово.
Станува збор за првиот човек на Агенцијата за одземен имот Дритон Небиу, кој преку социјалните мрежи порача: „Можете да ме убиете, но нема да ме исплашите“.
Нападот се случил непосредно по објавување на фотографија на која е со Зијадин Села. Настанот го потврди и полицијата.