На Исланд наскоро може да се случи нова вулканска ерупција, предупредија денеска исландските власти. Исландската метеоролошка служба Ведурстофа денеска предупреди дека е зголемена веројатноста за нова ерупција на полуостровот Рејкјанес и дека тоа би можело да се случи во следните две недели, па дури и за неколку дена.
Силна ерупција на полуостровот Рејкјанес се случи и во средината на јануари. За прв пат по речиси половина век, лавата уништи куќи.
Според метеоролошката служба, моделите базирани на ГПС-податоци покажале дека речиси 6,5 милиони кубни метри магма се акумулирале под областа Сварценги и дека магмата наскоро ќе го достигне истиот волумен како и во минатомесечната ерупција.
Значајна опасност му се заканува на градот Гриндавик, кој беше евакуиран во средината на јануари.