Домашниот бруто производ (БДП) во земјите од еврозоната во последниот квартал лани забечеша стагнација и изнесуваше нула во однос на третиот квартал кога е забележан пад од 0,1%, со што е избегната рецесија, покажуваат податоците објавени денеска од Европската статистичка агенција (Еуростат).
„За цела минатата година, 20-те земји кои ја користат единствената европска валута забележаа раст на економската активност од 0,5% во однос на 2022 година“, соопшти Евростат.
Ова е нешто помалку од растот од 0,6% што го предвиде Европската комисија во најновите прогнози во ноември.
Европската економија минатата година беше погодена од високите каматни стапки што ги воведе Европската централна банка (ЕЦБ) за да ја смири рекордната инфлација. Намалувањето на кредитите влијаеше врз инвестициите и потрошувачката на компаниите и домаќинствата, додека извозот беше под влијание на забавувањето на светската побарувачка.
Како резултат на тоа, еврозоната падна во стагнација и растот на БДП флуктуираше околу нула во текот на годината, плус 0,1% во периодот од јануари до март, плус 0,1% од април до јуни, потоа забележа пад од 0,1% и нула отсто во последната четвртина.
Податоците се идентични за целата Европска унија, но некои земји поминаа подобро. Шпанија, поттикната од туризмот, забележа раст од 2,5% на годишно ниво, а Франција со раст од 0,9% помина подобро од просекот.
Наспроти тоа, Германија, водечката светска економија, забележа пад на БДП од 0,3%, погодена од кризата во индустрискиот сектор, кој трпи поради високите трошоци за енергија.
Европската комисија на 15 февруари треба да ја објави прогнозата за економскиот раст за 2024 година.
Досега предвидуваше раст на БДП од 1,2% за еврозоната, но европскиот комесар за економија Паоло Џентилони во јануари предупреди дека геополитичките тензии на Блискиот Исток го зголемуваат ризикот прогнозата за растот да се ревидира надолу.