Медиумите во регионот со денови пишуваат за голготата низ која поминува хрватската пејачка Северина Вучковиќ.
Врховниот суд го одзема старателството на Северина Вучковиќ над синот Александар и го додели на нејзиниот поранешен партнер, српскиот бизнисмен Милан Поповиќ.
Откако беше објавена веста, пејачката редовно се огласува со пораки со поддршка од пријателите и обожавателите на својот инстаграм-профил. Така и сега сподели фотографија со синот во форма на илустрација со зборовите на песната „Rođeno moje“, која му ја посвети нему.
„Најтешките битки ги водат најсилните…“, стои во описот на фотографијата.
Да потсетиме, Северина неодамна одржа концерт во Јахорина. Пејачката непосредно пред почетокот на настапот раскажа како со денови се чувствувала лошо, но и покрај тоа се трудела да биде што повесела на концертот заради публиката.
Меѓутоа, кога на ред дојде песната „Rođeno moje“ Северина целосно се распадна, па дури и заплака на сцената.
Tоа беше нејзино прво појавување во јавноста откако Врховниот суд повторно му го додели старателството над Александар на таткото, српскиот бизнисмен Милан Поповиќ.
„Не станав од кревет четири дена. Потоа станав, морав да се облечам, да направам фризура, да се нашминкам и да ви се поклонам. Најпрво, да се поклонам на сите мали и немоќни жени кој ми дадоа сила… Колку убаво ми рече претседателот на Врховниот суд, на големата и моќна мене… Не смеам да бидам нечесна, морам да им се заблагодарам и на сите мажи. Особено на моите колеги од естрадата, но и на секој мал и немоќен маж“, рече таа.