Србите немаат поблизок народ од Македонците. Единственото нешто што Србија би сакала е да изгради уште подобри односи со Северна Македонија, порача српскиот претседател, Александар Вучиќ вечерва во Македонскиот народен театар на свечената академија по повод одбележувањето на националниот празник на Србите во Македонија, празникот Свети Сава, на која за прв пат присуствуваше Вучиќ.
– Јас сум претседател на Србија, но не се плашам да кажам дека Македонците ни се најблискиот народ. Немаме поблиски луѓе од Македонците. Како што гледате, тоа го кажувам отворено и јасно пред целата српска и македонска јавност. Не бараме ништо од Северна Македонија. Немаме услови за ништо. Не очекуваме ништо. Единствено што би сакале е да изградиме уште подобри и поблиски односи – рече Вучиќ.
Свое обраќање имаше и претседателот Стево Пендаровски, кој истакна дека целта на ваквите празници е, преку потсетување на минатото, да ја обединат и да ја подготват заедницата за тековните предизвици, но и за потфатите насочени кон иднината.
– Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина. Меѓу нас, вечерва, се дел од бројните истакнати припадници на српската заедница, кои го збогатуваат нашиот општествен, научен, културен, спортски и политички живот. Ви благодарам за вашиот ангажман и ве охрабрувам да продолжите да го давате најдоброто од себе за добробит на нашата заедничка држава – рече Пендаровски.
Квалитетните меѓуетнички односи, посочи, ги надополнуваат и добрите односи меѓу нашите две пријателски држави кои потврдуваат дека и на Балканот, билатералните односи можат да се градат со заемно почитување, без притисок и без условувања.
– Пред две години сведочевме на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија и Српската православна црква. Иако, и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани, туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова за нас исклучително важно прашање, за што сум особено благодарен – посочи Пендаровски.
Овој историски настан, додаде, не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите взаемни односи, туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Св. Прохор Пчински“.