Претседателот на Србија Александар Вучиќ во денешната дискусија на Светскиот економски форум во Давос истакна дека на економијата во Европа и особено на Западен Балкан, му треба „посилна Германија“. Вучиќ сликовито го претстави односот меѓу Европската Унија и Запададен Балкан со забелешка која привлече внимание кај присутните и особено кај медиумите.
– Кога Германија ќе закашла, ние добиваме пневмонија – рече Вучиќ нагасувајќи дека германската контракција, односно економскиот пад од 0,3% претставува проблем за земјите во регионот.
– Да не беше споменатата контракција, годинава ќе имавме плус 4,5% раст, а не плус 3,5% – посочи српскиот претседател и додаде дека е „длабоко благодарен на даночните обврзници на Европската унија за помошта што ја досега испратија во Србија“.
Вучиќ истакна дека Србија од 2012/2013 година досега успеала повеќе од двојно да ја зголеми вредноста на вкупниот БДП од 32 милијарди на 69 милијарди евра.
Во дискусијата Светскиот економски форум во Давос на тема „Нова евроазиска зора“, претседателот на Србија посочи дека во светот економската сила се повеќе се движи кон Азија.
– И ние кои сме во Европа и кои секогаш ќе живееме во Европа и ќе бидеме дел од Европа треба да го разбереме тоа. И оваа поврзаност или интерконекција со азиските земји е исклучително важна за нас. Најважно е да се поврзете. Затоа изградбата на сите можни канали, рути и линии за поврзување со Азија е од клучно значење, не само за Србија, туку и за цела Европа. Тука мислам на сите видови врски: од економија и трговија, преку сообраќај и енергија, до дигитално поврзување и поврзување со институции кои се занимаваат со вештачка интелигенција – истакна Вучиќ.