More

    Министерството за животна средина не успева да ги собере надоместоците кои ги уплаќаат компаниите за водните услуги, за производство на енергија од фосилни горива, за еколошките дозволи и граѓаните при регистрацијата на возилата и при употребата на биоразградливите кеси

    spot_img

    Министерството за животна средина не успева да ги собере надоместоците кои ги уплаќаат компаниите за водните услуги, за производство на енергија од фосилни горива, за еколошките дозволи и граѓаните при регистрацијата на возилата и при употребата на биоразградливите кеси, а она што го собира неправилно го распределува за реализација на програмите за заштита на животната средина. Ова го констатира државниот ревизор во извештајот од направената ревизија на финансиското работење на оваа институција.

    Поради тоа што ненавремено е собран надоместокот за употреба на водите, државата изгубила 1,45 милиони евра, констатираат ревизорите.

    – Склучени се спогодби со давателите на водни услуги за плаќање на ненаплатениот пресметан надоместок за користење и испуштање на вода на повеќе месечни рати, во вкупен износ од околу 113 милиони денари (1,83 милиони евра). Заклучно со септември 2023 година, од вкупно пресметаните достасани месечни рати во висина од 49 милиони денари, наплатени се 23 милиони денари, или 47%, додека за наплата остануваат неплатени надоместоци  кои се приходи на Буџетот во вкупен износ од близу 90 милиони денари (1,45 милиони евра) –  се вели во извештајот од ревизијата на финансиските извештаи заедно со  усогласеноста  на Министерство за животна средина и просторно планирање за 2022 година.

    Утврдени се неправилности и во однос на распределба на парите од надоместокот за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините.

    – Со извршениот увид во Одлуката за распределба на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините за 2020 година, на 9 општини им се доделени средства во вкупен износ од повеќе од 26 милиони денари. Констатирано е дека 4 од овие општини не доставиле програма поради тоа што средствата кои им се доделени не се доволни за целосна реализација на проектите, додека пак за неискористените средства не постои законски основ истите да бидат префрлени во наредната година – велат од  Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Одредени неправилности ревизорите утврдиле и при уплата на надоместокот од регистрација на моторни возила и пловни објекти –  еколошки надоместок кој се наплатува при регистрација на моторни возила и пловни објекти од страна на станиците за технички преглед и регистрација на возилата.

    – На сметката на основен буџет на Министерството во текот на 2022 година по овој основ се остварени средства во висина од околу 248 милиони денари. Со извршениот увид во начинот на водење на евиденцијата и наплатата на надоместокот по овие основи утврдено е отсуство на уплата на надоместокот при регистрација на пловните објекти, потреба од воспоставување единствен систем за следење на овој приход кој ќе овозможи одговорните лица во Министерството да имаат увид во наплатените средства од страна на Министерството за внатрешни работи и правните лица кои вршат технички преглед. Исто така, потребно е и зајакнување на контролата на документацијата кај правните лица кои вршат технички преглед на наплатата и пресметката на надоместокот, како и потреба од ажурирање на одредбите од договорите со правните лица – технички станици согласно последните измени на законската регулатива – појаснуваат од ДЗР.

    Ненавремена и нецелосна наплата ревизорите исто така утврдиле и во наплатата на надоместоците за поседување на А и Б интегрирани еколошки дозволи.

    Неправилности со извршената ревизија се констатирани и во евиденцијата и наплатата на надоместокот за биоразградливи кеси, не целосен извршен попис на средствата, побарувањата и обврските, не се евидентирани дел од деловните објекти кои ги користи Министерството, како и неправилности во дел од јавните набавки, за кои се дадени препораки во насока на преземање на мерки и активности за нивно надминување.

    Според ревизорите,  државата од својот буџет издвојува низок износ на пари за заштита на природата.

    – Со увидот во реализацијата на  Годишните програми за заштита на природата за 2020, 2021 и 2022 година, констатирано е дека доделените средства од Буџетот на државата во вкупен износ од 2,4 милиони денари и донаторските средства од повеќегодишните проекти на Министерството во вкупен износ од 376 милиони денари не се воопшто или во целост реализирани – велат од Државниот завод за ревизија.

    Ревизорите утврдиле дека Министерството нема објективен и  реален систем за распределбата на парите за проектите од програмата за управување со водите. Овој проект тежи 51 милион денари.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img