Од земјава досега се вкупно извезени 136.423 јагниња или 1.560.254 килограми јагнешко месо, велат за МИА од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Според АХВ, најголем извоз е реализиран во Италија, 85.013 јагниња или 929.990 килограми, а најмал во Црна Гора, 396 јагниња или 5.824 килограми.
Во Хрватска се пласирани 23.193 јагниња или 283.784 килограми, во Бугарија 20.860 јагниња или 256.061 килограм, во Грција 5.542 јагниња или 69.262 килограми, во БиХ 906 јагниња или 8.283 килограми и во Албанија 513 јагниња или 7.050 килограми.
Цената на јагнето жива мера пред неколку дена беше околу 160 – 200 денари за килограм, но производителите очекуваат нејзино зголемување за велигденските празници.
– Од почетокот на годинава до крајот на мај од државава се очекува да бидат откупени околу 130 000 јагниња, од кои само околу 10 000 би завршиле на домашниот пазар, што е во принцип просечна бројка за потрошувачка во нашава земја. Останатите се извезуваат на традиционалните пазари во Италија, Хрватска, Грција, Босна и Бугарија во поново време. Очекувам дека во мај, недостигот на јагнешко во Бугарија ќе се надополнува токму со наши јагниња, додека во летните месеци извозот ќе се интензивира кон туристичките дестинации – Грција, Италија, Хрватска, а можеби и Албанија. За цената сметам дека во периодот по Велигден, нема да има поголеми промени – вели за МИА претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, Никола Георгиев.
Според него, цената на јагнето е флуктуирачка и постојано расте, секој ден.
– Не би можел да кажам конкретна вредност во моментов, но околу 200 денари е откупната цена и постојано расте. Реалната цена ако се земат предвид производните трошоци, би била над 230 денари. Производната цена не се покрива веќе години наназад и тоа е една од причините за падот на овчарството во земјава. За велигденските празници очекуваме вкупната цена да се зголеми – истакна Георгиев.
Претседателот на здружението на сточари „Даши“, Скендер Аме за МИА изјави дека цената на јагнето кога почна откупот беше 160 денари, но потоа се зголеми до 185 денари и за викендов достигна 190 денари. Тој смета дека реалната цена треба да биде најмалку 250 денари за килограм.
Продажната цена на јагнето во месарниците е 400 – 500 денари.