Италијанската премиерка Џорџа Мелони го увери украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе продолжи поддршката од Г7 за Украина, јави ДПА.
Според италијанските медиуми, Мелони во телефонски разговор му кажала на Зеленски дека руската агресија врз Украина ќе биде во фокусот на италијанското претседателство со Г7. Италија од почетокот на оваа година е претседавач со Г7.
Зеленски ѝ се заблагодарил на Мелони за нејзината поддршка, вклучувајќи ја и желбата на Украина да се приклучи на ЕУ. Во текот на разговорот тој дал и информации за неодамнешните руски напади, објави украинскиот претседател на социјалната платформа Х.
„Благодарен сум на Италија и лично на Џорџа за нивната подготвеност да продолжат да го зајакнуваат воздушниот штит на Украина“, напиша Зеленски.
„Дополнителната противвоздушна одбрана спасува животи и одржува нормална егзистенција во нашите градови“, додаде тој.