Тензиите меѓу Венецуела и Гвајана околу регионот Есекибо кои траат со недели, влегоа во нова фаза. Мадуро сега отиде чекор понатаму, а како виновник за целата ситуација ја обвини Велика Британија која испрати воен брод во близина на брегот на Гвајана, што Мадуро го оцени како провокација.
Како одговор Мадуро распореди 5.600 војници на границите и ги стави воените авиони и неколку бродови на готовс.
Мадуро во четвртокот рече дека распоредувањето на британскиот брод го нарушува „духот“ на договорот постигнат меѓу венецуелските и гвајанските власти, пишува Ројтерс.
– Одбраната е одговор на провокацијата и заканата на Велика Британија против мирот и суверенитетот на нашата земја. Оваа закана е неприфатлива за Венецуела и за која било земја во регионот. Ние не се плеткаме со никого, но никој не може да ѝ наштети на Венецуела – рече Мадуро.
Венецуела распореди 5.600 војници во близина на границата и најави дека во тек се воени вежби. Покрај војниците, Венецуела распореди три океански патролни бродови, два брода за логистички транспорт, три повеќенаменски бродови и 23 авиони.
Меѓу другото, Мадуро рече дека Венецуела е подготвена за дијалог и мировна дипломатија.
– Веруваме во дипломатија, во мир, но никој не смее да ни се заканува. Не ги прифаќаме заканите на Велика Британија – изјави првиот човек на Венецуела.
Гвајана и Венецуела претходно овој месец се договорија да избегнат употреба на сила и да избегнат зголемување на тензиите во долгиот пограничен спор околу територијата Есекибо богата со нафта.
Регионот Есекибо од 160.000 квадратни километри е општо признат како дел од Гвајана, но во последниве години Венецуела го оживеа своето право на територијата и на морските области по големите откритија на нафта и гас.
Мадуро претходно организираше неуспешен референдум за припојување на Есекибо кон Венецуела. Референдумот немаше доволна излезност.