Селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, денеска го објави скратениот список со 19 ракометари со кои ќе ги почне подготовките пред настапот на ЕП 2024 во Германија во јануари.
Во изборот на Лазаров за претстојниот настап на Европското првенство, во репрезентативниот состав има само тројца интернационалци – Никола Митревски (Порто-Португалија), Филип Талески (Бенфика – Португалија) и повратникот во репрезентативниот состав Никола Костески (Талент Плзен – Чешка). Најбројни во составот на македонската репрезенатација се ракометарите од вицешампионот РК Алкалоид од каде доаѓаат седум од израните 19 репрезентативци, а уште четворица се резервниот список на кој има 8 ракометари кои ќе бидат во тренажен процес и може да бидат повикани дополнително.
Собирот на репрезентацијата е закажан за 20 декември со почеток во 17:00 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Македонија на претстојниот континентален собир (10-28 јануари) е во група со домаќинот Германија, како и со Франција и Швајцарија. Првиот натпревар против селекцијата на Франција, Македонија ќе го игра на стадион во Дизелдорф, додека останатите две пресметки од групната фаза ќе се играат во Берлин.