Четиринаесет Палестинци загинаа, а десетици беа повредени во израелските напади во првите два часа по завршувањето на примирјето во Газа, изјави портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф Ал-Кидра.
Повеќето од убиените се жени и деца, додаде тој.
И покрај континуираните борби на теренот, преговорите за прекин на огнот продолжуваат, изјави во петокот извор информиран за преговорите.„Преговорите за прекинот на огнот во Газа со посредниците од Катар и Египет продолжуваат“, изјави извор за AFP под услов да остане анонимен, по ноќните интензивни преговори кои не резултираа со обновување на хуманитарната пауза.
Посредувањето на Катар, со поддршка на Египет и САД, овозможи да се постигне примирје и неговите две продолженија.
Важеше седум дена и истече во петокот наутро. Израелската армија објави дека ги продолжила своите воени операции, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Хамас за „прекршување на договорот“ и „истрелување ракети“.