Во полната сала на Македонскиот народен театар, синоќа публиката едногласно ја отпеа „Среќен роденден“ на фестивалот Танц фест Скопје.
Фестивалот започна во 2005 година и од тогаш на сцената продефилираа повеќе илјадници уметници од целиот свет. Скопската, но и публиката во Велес, Битола и во Штип имаше можност низ годиниве наназад да проследи врвни уметнички компании од Амстердам, Њујорк, Пекинг, Париз, Лисабон, Љубљана, Истанбул, Анталија. Претстави од цела Европа, но и од САД и од Кина.
Танц фест Скопје помогна во развојот на македонската современа сцена и пласман на млади уметници, танчери, кореографи. Роденденската програма ја промовираше младата компанија, Скопје танцов театар 2, со нови танчери Сара Димоска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Христова, Микаела Ангела Глигиорова, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит и Емилија Милак, сите студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Тие го изиграа „Котел“ на Рисимкин со огромна енергија и ја оставија публиката без здив. Потоа следеше „Go Figure It Out“ на Данчевска, во кој настапија Дејан Битровски, Стефани Шааршмит, Викотрија Коцева, Андреј Димоски и Сара Димовска.
За крај на вечерта Скопје танцовиот театар ја изигра претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која минатиот месец имаше можноест да ја види и париската публика, за време на изведбите во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Франција и која доби извонредни критики. На сцената настапија Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Адријана Данчевска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Андреј Димоски, Стефани Шааршмит и Емилија Милак. Публиката со огромни аплаузи ги награди танчерите за сите изведби.
Пред почетокот на претставата балерината и короеграф, уметнички раководител на Балетот при НОБ, Олга Панго, ја прочита македонската порака за Меѓународниот ден на танцот, чиј автор годинава е таа.