Владата на СДСМ и ДУИ со злоупотреба на европското знаменце се обидува во Собранието да „протурка“ две нови задолжувања во вкупна вредност од 190 милиони евра – изјави на прес конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Во Македонија со СДС и ДУИ граѓаните ги немаат основните работи за живот, кои се со Устав и закони загарантирани. Учениците немаат книги, болните немаат лекови, студентите живеат мизерно, фирмите се уништуваат со даноци кои повеќе наликуваат на државен рекет, отколку на солидарен данок, но сето тоа не ја спречува власта да посегне и да ги задолжи и идните генерации.
Со невидено безобразие двете задолжувања од 190 милиони евра забрзано се туркаат низ собраниска процедура со европско знаменце. Власта и покрај отворената критика од ЕК во најновиот Извештај токму за примената на европското знаменце, продолжува со злоупотреба на истото.
СДС и ДУИ, под закрила на европското знаменце, избегнуваат дебата затоа што немаат аргументи со кои ќе го бранат новото задолжување. Нема аргументи затоа што се задолжуваат за тековни расходи, наместо за проекти и инвестиции.
Државата ни е енормно задолжена заради расипништвото на СДС и ДУИ. И ова не е крај, власта ќе го зголеми долгот за 500 милиони евра до крајот на оваа година, со што вкупниот долг ќе достигне до 8.5 милијарди евра – рече Митева.