Македонската фудбалска репрезентација вечерва во 20.45 часот, на стадионот „Олимпико“ во Рим и гостува на Италија во натпреварот од 7.коло во квалификациите за пласман на ЕП 2024.
Освен за подобрување на рејтингот, за Македонија овој меч нема посебно резултатско значење, со оглед на тоа дека се загубени сите шанси за пласман на Европското првенство што ќе се одржи идната година во Германија. Но, бодовите им се потребни на Италијанците кои сѐ уште се борат за пласман на ЕП и евентуален негативен резултат на вечерашната средба би бил рамен на катастрофа.
– Немаме резултатски императив, но секогаш се стремиме да го извлечеме најдоброто од себе. Играме против една од трите најдобри светски репрезентации и максимално ги респектираме. Не сме во Рим како туристи и верувам дека можеме да оствариме добар резултат – изјави селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски во пресрет на денешниот натпревар.
Голманот Столе Димитриевски во изјава за италијанските медиуми истакна дека домаќинот е изразит фаворит, но дека Македонија секогаш игра добро против моќната Италија и очекува добро издание и во вечерашниот дуел на „Олимпико“.
– Знаеме дека сте силни, но ние секогаш играме добро против вас, наоѓаме начин да го дадеме нашиот максимум. Очекувам тежок натпревар, јасно ми е дека Италија мора да победи ако сака да се пласира на ЕП 2024, но и ние имаме свои желби – изјави Столе Димитриевски за „Тутоспорт“.
Селекторот Милевски за вечерашниот дуел против Италија направи две измени во составот за разлика од последниот натпревар против Украина во Прага на кој Македонија загуби со 2-0. По подолго време во стартниот состав се враќа искусниот Аријан Адеми, а на десната страна ќе стартува Бојан Димоски.
Македонската репрезентација на „Олимпико“ ќе настапи во следниот состав: Димитриевски на голот, Серафимов, Муслиу, Манев, Димоски, Алиоски, Адеми, Елези, Барди, Елмас и Миовски.
Во стартниот состав го нема Александар Трајковски кој е повреден, но тој отпатува со националниот тим во Рим.