Поранешниот генерален секретар на НАТО даде предлог Украина да се приклучи на НАТО алијансата, но без територијата окупирана од Русија, за која тврди дека има историски преседан.
Како што пренесува Гардијан, НАТО следното лето треба да одржи самит во Вашингтон, по повод 75-годишнината од формирањето на алијансата, а прашањето за идното членство на Украина секако ќе биде главна тема.
Андерс Фог Расмусен изјави дека прашањето за членството на Украина во НАТО не може повторно да се одложи до следната година.
„Дојде време да го направиме следниот чекор и да ја поканиме Украина да влезе во НАТО. Ни треба нова европска безбедносна архитектура во која Украина е во срцето на НАТО“, рече тој.
Исклучувањето на територијата што ја држи Русија од НАТО ќе го намали ризикот од конфликт меѓу Русија и алијансата, тврди Расмусен.
Тој негираше дека потегот ќе го замрзне конфликтот, отстапувајќи ѝ ја украинската територија на Русија.
„Апсолутниот кредибилитет на гаранциите од член 5 [на НАТО алијансата] ќе ја одврати Русија од интензивирање на нападите на украинските територии во рамките на НАТО и на тој начин ќе ги ослободи украинските сили да одат на линијата на фронтот“, рече тој.
„За да стане член 5 веродостоен, треба да има јасна порака до Русија дека ќе има одговор на секое нарушување на територијата на НАТО“, додаде Расмусен.
Поранешниот генерален секретар рече дека имало сличен преседан за таков потег кога Западна Германија се приклучила на алијансата во 1955 година, а членот 5 ја опфаќа територијата на Западна Германија, но не и на Источна Германија.
Три причини за прием
Тој наведе три главни причини зошто на Украина треба да и се понуди членство:
Прво, Украина во НАТО би дејствувала како бедем против сè уште агресивната Русија. Второ, тој рече дека „мора да разбереме дека сивите области се опасни области. Неутралноста според старото сфаќање на светот повеќе не постои. Сивите области стануваат искушение за Путин да нападне“. Трето, тој тврди дека украинската армија сега е најотпорната армија во Европа и ќе биде предност и пример за другите европски сили.
Расмусен рече дека вкупно 25 земји, покрај земјите од Г7, преговараат за билатерални безбедносни договори со Украина како дел од чадор-договорот наречен Договор за безбедност во Киев, кој треба да дејствува како мост за полноправно членство во НАТО. Договорот вклучува големи трансфери на оружје, подобрено споделување разузнавачки информации и поддршка за украинската одбранбена индустрија за да може понезависно да произведува оружје и муниција.