Бактеријата Ешерихија коли предизвикала сепса од која починало новороденчето од Прилеп, потврди за повеќе медиуми докторката Аспазија Софијанова, шефица на неонаталната интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје, каде почина бебето.
Бебето било донесено од Прилеп на Детската клиника во Скопје во тешка состојба со откажување на бубрезите и на белите дробови. На Клиниката за детски болести се направени сите анализи и бебето било третирано со терапија. Бебето починало една недела откако било донесено на Клиниката.
– Ваква рана инфекција, сепса кај новороденче настанува најчесто или поради интерхоспитални бактерии или поради инфекција која евентуално би ја имала мајката. Тоа допрва треба да се испита – објасни Софијанова за порталот Фактор.
Мајката објасни дека првично ѝ кажале дека детето има жолтица и дека треба да замине на лекување во Скопје. Таа прва проговори за смртта на бебето и првенствено ја обвини прилепската болница поради лошата хигиена во родилиштето, како и негрижата на медицинскиот кадар, што според неа било клучно за развој на сепса кај новороденчето.
„Кога отидов во болницата да прашам кој ќе ја сноси одговорноста за моето дете, излегоа докторката и сестрата која била на смена таа вечер, и без никаков срам, одговорот им беше, ‘Се чудиме и ние’. Бидејќи во здравството сите се чудат и немаат одговор за никакви нивни грешки. За смртта на моето дете вие СЕ ЧУДИТЕ?“, напиша мајката на починатото бебе.
Министерот за здравство Фатмир Меџити најави вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во прилепската болница.