Плановите на Полска да стационира нов тенковски баталјон на исток претставуваат уште еден чекор кон зголемување на тензиите, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Се разбира, ова е уште еден чекор кон ескалација на тензиите. Нашите белоруски пријатели знаат што да прават, тие прават се што е потребно во оваа ситуација за да обезбедат безбедност – рече Песков, коментирајќи ја изјавата на полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак дека тој на истокот од земјава би бил испратен новиот тенковски баталјон, пишува весникот „Известија“.
Блашчак претходно денеска изјави дека веќе е формиран тенковски баталјон во источна Полска, кој ќе треба да се спротивстави, како што наведе, со „заканите“ кои доаѓаат од Русија и Белорусија.
Во меѓувреме, Русија ги засили нападите врз клучните градови во источна Украина, пишува бриселски Политико, повикувајќи се на информации од украински воени претставници.
Московските трупи започнаа напори за враќање на територијата во близина на Бахмут, обзнани шефот на копнените сили на Украина на Телеграм. Руските сили целат да ја опколат Авдиевка која треба да им отвори премин кон источен Доњецк, кој во моментов го контролираат Украинците.
Руските трупи извршиле 30 воздушни напади и 712 артилериски баражи врз градот и околните области во текот на претходниот ден, и се судриле речиси 50 пати со украинските единици.