Во поновата германска историја 9 ноември е највпечатливиот датум . Со тој датум се врзуваат и сеќавањата на ноќта на погромот во 1938 година и на падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.
Од 1989 година, на 9 ноември се одбележува годишнината од настанот што го промени светот: падот на Берлинскиот ѕид. На 3 октомври 1990 година, Германија беше повторно обединета по 41 година поделба. Со исчезнувањето на втората диктатура на германско тло, со крајот на Источна Германија или Германската Демократска Република (ГДР), од политичката карта исчезна целиот реал-социјалистички табор во Европа. Конфликтот Исток-Запад беше завршен, а 9 ноември 1989 година беше судбоносен ден во историјата на Германија и Европа – пишува Дојче веле.
Прогласување на Републиката и крајот на монархијата
Во германскиот историски календар, 9 ноември е повеќекратно важен датум. Во 1918 година, социјалдемократот Филип Шајдеман, од балконот на берлинскиот Рајхстаг, ја прогласил Републиката.
„Работници и војници, бидете свесни за историското значење на овој ден. Се случија нечуени работи. Нè чека голема и непрегледна работа. Сè за народот, сè преку народот! Не смее да се случи ништо што ќе го обесчести работничкото движење. Бидете обединети, лојални и исполнителни! Старата и гнила монархија, пропадна. Да живее новото, да живее германската република“ – објави Шајдеман.
Со тоа тој го запечати крајот на монархијата на царот Вилхелм Втори.
На младата демократија во Германија ѝ беше тешко уште од самиот почеток. Левичарите и десничарите сакаа што побрзо да ја елиминираат. На 9 ноември 1923 година, националсоцијалистите маршираа кон Фелдернхале во Минхен. Водач беше Адолф Хитлер, кој десет години подоцна ќе ја преземе власта во Германија и ќе го втурне светот во најголемата катастрофа: Втората светска војна.
Запалени синагоги во „кристалната ноќ“
На патот дотаму Евреите во Германија беа постепено обесправувани пред да бидат систематски истребени од 1942 година натаму. Уште пред почетокот на Втората светска војна, низ германскиот Рајх на 9 ноември 1938 година гореа синагогите. Беа ограбени еврејските продавници. Околу 100 Евреи беа убиени, а 26.000 беа депортирани во концентрациони логори. Погромот беше цинично наречен „Кристална ноќ“. Тоа беше нешто како „рана генерална проба“ за Холокаустот.
Роберт Леј, шеф на националсоцијалистичкиот Германски работнички фронт, не го криеше тоа:
„Јуда ќе падне и мора да падне, Јуда ќе биде и мора да биде уништен! Тоа е нашата света вера“.
Падот на Берлинскиот ѕид
9 ноември 1938 година е најужасниот датум во низата судбоносни денови. Поголем контраст со 9 ноември 1989 година, денот кога падна Берлинскиот ѕид, тешко може да се замисли. „Лудило“ беше зборот што најмногу се слушаше таа ноќ, кога границата неочекувано се отвори за луѓето во ГДР. Со месеци имаше протести против оние кои беа на власт во источноберлинското Политбиро на државната партија СЕД. Илјадници избегаа преку Унгарија и германските амбасади во источноевропските земји. Притисокот да се олесни патувањето за сите граѓани на ГДР растеше од ден на ден. Но, она што се случи не го очекуваше никој – кога на меѓународната прес-конференција во Источен Берлин беа објавени правилата за патување и беше речено дека „почнуваат да важат веднаш“, немаше запирање.
Луѓето навалија на внатрешните гранични премини во поделениот Берлин. Славјето беше буквално безгранично.
„Претходно ги пуштаа луѓето еден по еден, а потоа ја отворија капијата. А сега сите можевме да поминеме без да покажеме лична карта, без ништо. Без контрола. Немам ни лична карта кај мене“ – во сеќавање стои среќната изјава на граѓанин на ГДР.
По оваа ноќ не можеше да има враќање на старите времиња и услови. Првата дупка во Берлинскиот ѕид брзо предизвика колапс на пропаднатиот систем.
По трет пат на 9-ти ноември во Германија беше испишана историја – овојпат полна со среќа. Тука не можат да променат ништо ниту многуте тешкотии што следеа по падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија. Затоа што за постигнување внатрешно единство е потребно повеќе време отколку за постигнување државно единство.