Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека организацијата на завршниот самит на ОБСЕ во Скопје, според претходни искуства, ќе ја чини земјава помеѓу 5 и 8 милиони евра. Речиси целата сума ќе ја плати Македонија како земја-претседавач.
Како што беше најавено, речиси еден милион евра ќе потроши МНР само за изнајмување возила со кои неколку дена ќе се превезуваат низ Скопје министрите за надворешни работи на земјите-членки на ОБСЕ за време на Самитот во декември, а Османи досега не беше достапен за коментар иако измина една недела од објавувањето на договорот.
Договорот е склучен со компанијата „АБЦ Рент а кар ДООЕЛ Скопје“, која била единствен понудувач на огласот. Компанијата „АБЦ рент а кар“ треба да изнајми 175 возила, меѓу кои се 35 ВИП возила задолжително во црна боја, 70 автомбили од средна класа, 25 треба да бидат миниван, 25 минибуси и 10 автобуси.
– Јас реков дека сите стандарди на ОБСЕ треба да се запазат, па дури и тип на возило, марка на возило, простор, број итн. Договорот што го постигнавме со рент а кар агенцијата е рамковен договор како резервен план, бидејќи ние мораме, согласно стандардите на ОБСЕ, да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација од денот кога доаѓаат до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи дека е утврдена цена по возило и по ден. И во договорот јасно стои дека Министерството нема обврска да ги користи сите возила, односно толку колку што има потреба откако ќе ги исцрпиме сите домашни ресурси. Кога ние ќе немаме возила, ќе имаме од каде да обезбедиме возила. Ние мора тоа да го направиме и да сме покриени. Ние се јавивме кај сите агенции за да го опипаме пулсот на пазарот, но на крај се јави само една агенција. Зошто е тоа така ќе треба да прашате дали останатите го имале потребниот број на возила со такви спецификации и димензизи или пак немале интерес, но тоа не е прашање за нас, рече Османи како одговор на новинарско прашање – изјави Османи.
Министерот дополнително рече дека возилата ќе ги возат околу 200 обучени војници, а Македонија дополнително ќе плати и чартер лет од Брисел за Скопје со кој ќе превезе 20-тина министри за надворешни работи.