Холивудската актерка Скарлет Јохансон поднела тужба против ВИ апликација (вештачка интелигенција), која наводно го користела нејзиното име и лик кој многу личи на неа во реклама со вештачка интелигенција, без нејзина дозвола.
Рекламата во траење од 22 секунди беше објавена на платформата Икс, поранешен Твитер, а е користена апликацијата „Lisa AI: 90’s Yearbook & Avatar“, која од сликата на Јохансон направила вештачки лик.
Адвокатите на 38-годишната актерка потврдија за „Вариети“ дека таа не е претставничка на компанијата и дека веднаш по гледањето на рекламата на 28 октомври е преземена соодветна правна постапка.
Рекламата, во меѓувреме, е избришана од социјалните мрежи.
Видеото, во кое имаше увид „Вариети“, започнува со исечок од сетот на Скарлет во „Црна вдовица“ (Black Widow) на „Марвел“.
„Што има? Јас сум Скарлет и сакам да појдете со мене“, изговара таа, кога снимката преминува во фотографија, генерирана од вештачката од интелигенција, а која потсетува на неа.
Гласот, кој е многу сличен на Јохансон, продолжува да ја промовира апликацијата:
„Не е ограничено само на аватари. Исто така, можете да правите фотографии со текстови, па дури и со свои видеа со вештачка интелигенција. Мислам дека оваа можност не се пропушта“, вели ликот на вештачката интелигенција во нејзиниот глас.
Со мал фонт на дното на рекламата пишува: „Фотографиите се создадени со помош на Lisa AI“. Тоа нема никаква врска со оваа личност“.
Постојат бројни апликации за вештачка интелигенција низ App Store и Google Play.
Јохансон не е единствената актерка која одлучила јавно да проговори против употребата на нејзиното име и сличност во апликациите за вештачка интелигенција. Минатиот месец, Том Хенкс објави на Инстаграм дека стоматолошка компанија ја користела неговата сличност генерирана со вештачка интелигенција во реклама.
Голем број автори, како Сара Силверман, поднесоа тужби за прекршување на авторските права против ЧетГПТ (ChatGPT), кој беше развиен со помош на ОпенАИ и Мета, тврдејќи дека вештачката интелигенција ги користи нивните дела без дозвола и согласност на авторот.
Ова исто така не е првпат Јохансон да доживее некој да ја користи нејзината фотографија и сличност без согласност. Во 2018 година, актерката изјави за „Вашингтон пост“ дека нејзиното лице се користи за deepfake-ови, каде женските лица се ставаат на порно видеоснимки со помош на компјутерски алатки.