Видео-анимација од планот на Израел за копнена офанзива и наводната стратегија за иселување на 2,3 милиони Палестинци од Газа во Синајскиот Полуостров во Египет, објави телевизијата СтепТВ. Но, дали под Појасот Газа има над 400 километри тунели како што соопшти Мохамад Габари, началникот на Генералштабот на иранската армија?
Тој изјави дека причината зошто израелската армија чекала да изврши целосна копнена инвазија во Газа е затоа што знае дека таквата операција ќе значи „уште еден пораз“, пишува Тајмс оф Израел.
– Низ некои од нив можат да минат возила и мотоцикли – рече генерал-мајор Багери на конференцијата за цивилна одбрана во Техеран.
– Некои од тунелите имаат влез во Израел – додаде тој.
Хамас користеше тунели уште во војната во 2014 година. Тогаш од тунелите беа организирани напади од мали размери, пишува весникот. Во 2021 година Израел постави подземни сензори кои можат да разоткријат копање под границата со Појасот Газа. Сепак, дека на граничната ограда имало недостатоци беше откриено дури на 7 октомври, денот кога Хамас го нападна Израел.
Израелските одбранбени сили соопштија дека успеале да влезат во воена база во тунел контролиран од Хамас. Последните информации од ИДФ се дека нивните тенкови се длабоко навлезени во Газа.
Плусинфо пишуваше за шпекулациите дека можниот План Б на Израел е акција со нервен гас во самите тунели, акција во која би било вклучено и спасување на повеќе од 200 израелски затвореници кои таму ги држи Хамас.
Системот за воздушна одбрана „Ароу“ пресретна ракета земја-земја лансирана од „областа на Црвеното Море“ кон Израел, соопшти војската.
Освен битките во Газа и на северот на Израел, израелските одбранбени сили велат дека воздухопловните сили собориле ракета која ја следеле. Се верува дека проектилот бил лансиран од Хутите во Јемен, поддржани од Иран, а дека ракетата била насочена кон најјужниот град во Израел, Еилат.