Шансите момчето да биде ослободено се нула, рекле извори од српската влада за Информер по гласините дека Коста Кецмановиќ(13) кој го изврши масакрот во училиште во Врачар во Белград има изгледи да излезе од белградската Клиника за неврологија и психијатрија за деца и млади. Јавноста во Србија е загрижена поради предложените измени на Законот за заштита на лицата со ментална попреченост, а српската влада порача:
„Шансите момчето да биде ослободено се нула. Досега немавме ваков случај во Србија и моравме да се справиме законски, но измените на Законот за заштита на лицата со ментална попреченост повеќе се однесуваат на формирање на институции за сместување на такви лица, а не за нивно ослободување“, велат од српската влада.
Оттаму подвлекуваат дека е крајно опасно да се шири паника во јавноста со погрешно толкување на измените во законот.
Предложената измена на Законот за заштита на лицата со ментална попреченост предвидува децата на возраст до 14 години кои вршат кривични дела, а кои во спротивно не можат кривично да одговараат со закон, во иднина да бидат сместени во посебни одделенија на психијатриски установи со обезбедување, и таму можат да бидат сместени без согласност на родителите или старателите, со кои може да им се забрани и секаков контакт.
На 10 октомври Вишото јавно обвинителство во Белград поднесе обвинителен акт против таткото и мајката на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“. Таткото на момчето-убиец е обвинет дека го тренирал синот да ракува со оружје, дека го однел на стрелиште и дека според прописите не го чувал оружјето со кое момчето ги убило своите врсници.
Мајката на момчето убиец се гони за недозволено носење и поседување оружје, бидејќи нејзината ДНК била пронајдена на чаура во кабинетот по историја. Обвинителството побара таткото да биде осуден на максимална затворска казна од 12 години, додека мајката е предложена на 2 години и 6 месеци затвор. Таткото на момчето убиец е уапсен на 3 мај и оттогаш е во притвор, додека неговата мајка е со кауција, но и е забрането да се приближува, да се сретне и да комуницира со синот, бидејќи тој е предложен за сведок во обвинението.
На 20 октомври во Палатата на правдата почна судењето на родителите на момчето-убиец, по приватни тужби поднесени од 27 членови на семејствата на жртвите од основното училиште „Владислав Рибникар“. Станува збор за граѓанска постапка по пријава на семејствата во која истакнале имотно правно побарување поради претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице, како и поради страв.
На таткото и мајката на момчето убиец им е привремено забрането да располагаат со недвижен имот и пари. Да потсетиме, веќе е поднесена една тужба против мајката на момчето убиец – ја тужеа четворица членови на семејството на една од жртвите во престрелката во ОУ „Владислав Рибникар“, побараа отштета од околу 300.000 евра.