Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Почитувани граѓани,
На овој ден, пред точно 130 години, шестмина млади луѓе ја основаа македонската револуционерна организација која успеа да ги обедини најхрабрите и најобразованите луѓе на своето време околу една заедничка цел – слободна македонска држава. Оваа млада и напредна генерација успеа да ја зацврсти вербата на македонскиот народ дека само со сопствени сили може да се избори за слобода и правда.
Иако поради соседните пропаганди, притисоци и аспирации нашата револуционерна борба имаше и успеси и падови, целта остана иста. Илинденското востание ја даде Крушевската Република, a, Народноослободителната и антифашистичка борба државотворниот АСНОМ.
Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин.
Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!