Израелски политичар испрати предупредување до рускиот претседател Владимир Путин за војните во Израел и Украина. Амир Вајтман, шеф на либертаријанскиот клуб во израелската партија Ликуд, оваа недела се појави на руската државна телевизија RT News и зборуваше за борбите меѓу Израел и Хамас, како и за војната на Русија со Украина.
Зборувајќи за неодамнешните тврдења поврзани со бомбардирањето на болницата Ал-Ахли во градот Газа, Вајтман ја критикуваше Русија и му се закани на Путин.
– Ние ќе ја завршиме оваа војна, ќе победиме бидејќи сме посилни. Но, по ова Русија ќе ја плати цената. Верувајте ми, Русија ќе ја плати цената – рече Вајтман.
Израелскиот политичар од партијата на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја обвини Русија дека ги поддржува непријателите на Израел
– Русија ги поддржува непријателите на Израел. Русија ги поддржува нацистите кои сакаат да извршат геноцид врз нас и Русија ќе ја плати цената. Ние ќе ја добиеме оваа војна. После тоа, нема да заборавиме што правите, нема да заборавиме, ќе дојдеме, ќе се погрижиме Украина да победи. Ќе се погрижиме да ја платите цената за она што го направивте, вие како Русија – се закани Вајтман.