Експлозии одекнаа во северен Израел, а милитантната група Хамас ја презеде одговорноста, јавува „Тајмс оф Израел“. Во соопштението на Хамас, се наведува дека либанскиот огранок на милитантната група ја нападнал Нахарија со околу 20 ракети „како одговор на окупациските злосторства врз палестинскиот народ во Газа“.
Во нападот, додава израелскиот весник, нема повредени или материјална штета. Израелската одбрана ИДФ посочува дека девет ракети летале во израелскиот воздушен простор, дека пет биле соборени, а четири паднале во ненаселени области. ИДФ додаде дека исто така израелските борбените хеликоптери гаѓале воени цели во Либан и дека војниците на теренот се судриле со вооружени лица кои отвориле оган врз армијата на границата со Либан.
„Тајмс оф Израел“ додава дека пукање се слушнало и на границата со Либан, во северниот град Кирјат Шмона. Локалните медиуми на еврејски јазик наведуваат дека е многу можно во областа да траат судири меѓу израелската армија и луѓето кои се инфилтрирале од Либан.
На социјалната мрежа Икс се појавија видеа кои сугерираат дека Хамас вечерва започна со ракетни напади врз Тел Авив. Претходно, во градот се огласија сирените за можен воздушен напад.
Израел денеска го обнови снабдувањето со вода во Појасот Газа. Оваа одлука ја потврди и Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Белата куќа. ИДФ ја одложи тројната инвазија врз Газа за неколку денови поради временските услови.
Израелската армија денеска соопшти дека идентификувала 126 заложници кои ги држел Хамас од ненадејниот напад на палестинската екстремистичка организација врз Израел, на 7 октомври. Израелските власти првично процениле дека биле заробени околу 150 Израелци и странци.
Хамас, кој владее со малата палестинска територија, тврди дека во израелските напади биле убиени 22 заложници. Групата, исто така, се закани дека ќе убива заложници доколку однапред не бидат објавени израелски напади врз цивилни цели.
Според најновите податоци, во нападот на борците на Хамас врз Израел се убиени над 1.300 лица, додека во израелските одмазднички напади врз Газа се убиени над 2.300 лица, соопштија локалните власти.
Портпаролот на израелската армија, контраадмиралот Даниел Хагари, денеска изјави дека армијата ќе дејствува „насекаде на Блискиот Исток“, додека продолжува војната против Хамас на југот и честите судири на северот од границата со Либан.
Околу еден милион лица се раселени во Појасот Газа поради војната што избувна по крвавиот напад на израелска територија на 7 септември, соопшти денеска Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).