Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја напушти денешната заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, откако еден од новинарите го праша премиерот што мисли за сценариото највисоките државни функции да ѝ припаднат на ДУИ доколку не бидат успешни претседателските избори.
„Во случај на неуспешни претседателски избори, дали сте подготвени да прифатите дека државата останува во рацете на ДУИ со тоа што ќе биде назначен Албанец за премиер, а функцијата шеф на државата ќе му припадне на собранискиот спикер Талат Џафери?“
Вака гласеше новинарското прашање на коешто Битиќи веднаш реагираше:
– Јас мислам дека не треба да стојам тука на вакви прашања – рече Битиќи и ја напушти прес-конференцијата.
Камерите го снимија вицепремиерот како нервозно се качува во автомобил и без поздрав го напушта местото.
Ковачевски, пак, оцени дека новинарското прашање било „апсолутно некоректно“.
– Денес во нашата држава имаме концепт за европска Македонија, којшто го предводи Владата и СДСМ. Што ги третира сите граѓани еднакво според нивната етничка, верска и која било друга припадност. Меѓутоа, имаме појава е еден популизам, којшто во својата основа има етно-национализам и ксенофобија, што за мене е форма на модерен фашизам – рече Ковачевски.
Плусинфо токму денеска објави анализа во којашто е опфатено сценариото по евентуално неуспешни претседателски избори земјава да остане без претседател на државата, па местото на актуелниот претседател Стево Пендаровски да го зазема актуелниот собраниски спикер Талат Џафери, додека, пак, во истиот тој период би се формирала и т.н. Пржинска влада и земјава би добила премиер Албанец.
Во продолжение погледнете го видеото: