Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас се убиени 900 Израелци. Покрај тоа, на израелска територија се пронајдени телата на 1.500 милитанти на Хамас, изјави портпаролот на ИД.
Од масовниот упад во саботата, има жестоки борби меѓу голем број милитанти на Хамас и ИДФ.
ИДФ ги објави имињата на 123 војници за кои вели дека биле убиени од почетокот на војната. Потврдено е и дека војник со чин потполковник загинал во престрелка на северната граница со Либан, иако тоа не било судир со Хезболах, соопшти ИДФ.
Во меѓувреме, соопштено е и дека Израел ја затворил границата со Египет и дека Палестинците сега немаат можност да ја напуштат Газа. Иако претходно израелската војска упати порака до Палестинците кои сакаат да го напуштат регионот да го сторат тоа преку единствениот граничен премин контролиран од Египет, одлуката е променета, а од ИДФ истакнуваат дека преминот е затворен, а палестинското население е заробено во регионот кој од саботата е под постојани ракетни напади.
Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, изјави дека неговата влада се противи на предложеното суспендирање на помошта од ЕУ за Палестина.
– Оваа соработка мора да продолжи, не можеме да го помешаме Хамас, кој е на списокот на терористички групи на ЕУ, со палестинското население, или палестинските власти или организациите на ОН на теренот – рече Албарес во интервју за шпанското радио.
Тој додаде дека на Палестина најверојатно ќе и треба поголема помош во блиска иднина.
Со сличен став се огласи и француското Министерство за надворешни работи, кое утрово во Париз објави соопштение.
„Ние не сме за суспендирање на помошта што директно му користи на палестинскиот народ, и тоа вчера јасно ѝ го кажавме на Европската комисија“ – стои во соопштението од француското Министерство за надворешни работи
Министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево ќе се состанат за да разговараат за ова прашање.