САД ќе му обезбедат муниција и опрема на Израел и ќе ги зајакнат американските сили на Блискиот Исток како одговор на нападите на палестинската милитантна група Хамас, соопшти денеска Пентагон.
– Владата на САД брзо ќе им обезбеди на израелските одбранбени сили дополнителна опрема и ресурси, вклучително и муниција – наведе американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во соопштение.
Шефот на американската одбрана, исто така, рече дека го упатил USS Gerald R. Ford, носач на авиони, и неговите придружни воени бродови кон источниот Медитеран, и дека Вашингтон ги зголемува ескадрилите на борбените авиони во регионот.
Војската на САД планира да придвижи бродови на американската морнарица и воени авиони поблиску до Израел како знак на поддршка, според двајца американски претставници запознаени со планирањето, јави Ен-Би-Си.
Движењата би можеле да започнат веднаш, но сите средства, поточно бродовите, нема да бидат на место неколку дена.
САД исто така работат на планови за можна неборбена евакуација – помош за Американци да излезат од Израел. Ништо не е решено или наредено, но официјалните лица работат на опции, вклучително и онаа што вклучува ставање на некои Американци на бродовите на морнарицата за да ги одведат на безбедно.