Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – август 2023 година, изнесува 5, 502 милијарди евра и бележи пораст од 2% во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7, 299 миијарди евра, што е за 7,6% помалку во споредба со претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2023, е 75,4%, а трговскиот дефицит изнесува 1, 796 милијарди евра.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари – август 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.