Според Институтот за проучување на војната (ISW), Павел Пригожин (25), син на поранешниот водач на Вагнер, Евгениј Пригожин, сака да ја преземе оваа платеничка група.
Павел Пригожин преговара со руската национална гарда, Росгвардија, во врска со повторното ангажирање на Вагнерците во борбата во Украина, пренесува ISW, повикувајќи се на профил на Телеграма поврзан со групата.
Овој потег би му понудил алтернативен лидер на Андреј Трошев, кој потпиша договор со Министерството за одбрана и беше јавно прифатен од рускиот претседател Владимир Путин, кој се сретна со него минатата недела, пишува SkyNews.
Ова укажува дека „некои вработени во Вагнер се заинтересирани да се соберат околу алтернатива на Кремљ и Трошев поврзан со Пригожин“, велат од Институтот.
Институтот цитираше извор од Вагнер кој известува дека преговорите меѓу Павел Пригожин и Националната гарда вклучувале паравоена група која го задржала своето име, симболи, идеологија, команданти и управување.