Украинскиот напад во петокот врз седиштето на руската Црноморска флота на Крим „е извршен на барање на американските и британските разузнавачки служби“ и координиран со нив, обвини во средата руската дипломатија.
„Нема ни најмало сомневање дека нападот бил однапред планиран со помош и употреба на западни разузнавачки средства, сателитска опрема на НАТО и извидувачки авиони“, рече портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова на редовната прес-конференција, додавајќи дека нападот „бил спроведена по барање на американските и британските разузнавачки служби и во тесна соработка со нив“.
Крим, украински регион анектиран од Москва во 2014 година, е во центарот на рускиот воен систем како дел од руската офанзива против Украина, како за снабдување на војниците што ја окупираа јужна Украина, така и за напади.Во екот на украинската контраофанзива, Киев се обидува да ги пренесе борбите на овој полуостров. Затоа, украинските сили ги засилија ракетните и беспилотните напади на областа во последните недели.
Лондон и Вашингтон досега не реагираа на обвинувањата на руската дипломатија.
Украина тврди дека убила околу 30 офицери во нападот во петокот, вклучувајќи го и командантот на Црноморската флота Виктор Соколов, но руското Министерство за одбрана во вторникот објави фотографии на кои се гледа како тој учествува на видео конференција.
Во исто време, украинските специјални воени сили објавија дека во тек е процес за „разјаснување“ на објавените информации. Воедно посочуваат дека идентификацијата на жртвите е многу тешка.
Во средата, официјалниот медиум на руската армија, ТВ каналот Ѕвезда, објави кратко видео-интервју без датум на Телеграм, во кое наводно е прикажан командантот Виктор Соколов, во кое тој ги пофалува успесите на неговите војници.
АФП не може самостојно да ја потврди автентичноста на фотографиите или датумот кога се направени.