Само во нашата земја, партиската книшка стана посилно од парчето хартија на кое пишува диплома за завршено високо образование. Државата, владата, не велам дека е единствениот џелат за иднината на младите, но државниот апарат е сигурно најгласниот убиец на соништата на нашите млади луѓе, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната прослава на 31-от роденден на Унијата на млади сили на опозициската партија што се одржува во Прилеп.
Мицкоски од говорницата во тој контекст го истакна, како што рече, некомплетниот и несреќен попис како епилог на колективно самоуништување како држава.
– Речиси 200.000 си ја побарале среќата некаде надвор од Македонија и се иселиле. И оваа појава е иста, буквално иста, рана и за младите Македонци, и за младите Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Мора да го стопираме колективното самоуништување, мора да изградиме држава која ќе нуди можности за младите луѓе. Мора да им кажеме на младите дека нивниот сон може да го достигнат тука, во својата земја и дека нашата заедничка Македонија е најдобрата гаранција за реализација на нивниот сон. Еднаш засекогаш мора да се престане со партизација на општеството – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.