Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во гостување на утринска емисија на Алфа Телевизија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е сплотено и единствено и сите му даваат поддршка на претседателот Христијан Мицкоски, додека позитивната страна која ја наметна партијата ја препознаваат сите и сè повеќе граѓани ѝ веруваат на партијата и сакаат ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт.
– Власта ако мисли дека има раздор, ајде на избори, да ги закажеме, но ќе побегнат кукавички затоа што знаат дека има уште неколку месеци да докрадат, да наместат некој тендер, да поминат некој закон како тој за амнестија – потенцираше Мисајловски
Тој уверува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да потклекнат и да прифатат уставни измени.
– Јавноста беше сведок на 18-ти август, кога видоа дека сите 44 пратеници се против промената на Уставот. И тогаш започнува операцијата на власта да се најдат луѓе кои ќе го поддржат Уставот итн. Но, еве јас можам од ова студио да кажам дека нема такви луѓе во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да гласаат измена на Уставот по ниту една цена – нагласи Мисајловски.
Тој додаде дека власта сака да работи по онаа старата изрека – „Раздели, па владеј”, но тоа нема да им успее кај ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа многу добро го прават во албанскиот блок, поготово во албанската опозиција. Затоа таму немаме здрава опозиција. Да, има одредени партии, но треба сите да се сплотат за да го победат ДУИ. ДУИ е еден од учесниците од болното сценарио што се случи при промената на името, и сега сакаат исто такво сценарио. Но, такво сценарио нема да се случи овојпат за уставни измени. И затоа сакам да порачам дека сите на купче ќе бидат победени на следните избори – појасни Мисајловски.