Полицијата спасила жена која 25 години била затворена во темна соба во главниот град на Авганистан, соопшти Министерството за внатрешни работи на Талибанците. Според вознемирувачките фотографии објавени од министерството, жената била чувана во соба полна со ѓубре. Храна и давале преку прозорецот.
-Таа се чувствува несигурно и исплашено кога ќе види други луѓе“, рече портпаролот на министерството Абдул Матин Кани, опишувајќи ја нејзината мака.
Жената е згрижена во болница во Кабул со тешки психички и физички повреди.
-Жената е неухранета, таа исто така е и многу анемична. Нејзините коски се истрошени, а зглобовите и се оштетени – велат лекарите.
Таа со години трпела големи маки по разделбата од нејзиниот прв сопруг. Со дополнителни проблеми, вклучувајќи неплодност и спор околу наследството, таа била ѕверски измачувана од нејзините браќа.
Полицијата уапсила четири члена од нејзиното семејство, меѓу кои и нејзиниот брат и внуците. Полицијата соопшти дека случајот е под истрага.